Македонски зелник – најомилено јадење на најдобриот стрелец во НХЛ, Стивен Стамкос
За Стивен Стамкос, најдобриот стрелец минатата сезона во најсилната хокеарска лига на светот, НХЛ-лигата, инаку член на екипата на Тампа беј лајтнинг, одамна се знае дека има македонски корени, односно дека неговото семејство потекнува од селото Арменско, кое се наоѓа во леринскиот крај во Егејска Македонија, но малкумина го имаат слушнато како самиот говори детали од својот живот кои се поврзани со стариот крај и со македонското потекло.
Неодамна, за време на 70. издание на традиционалниот голф-турнир „Македонија опен“, што се одржува во Торонто, Стамкос, заедно со неговиот нов клупски колега, Мајк Анџелидис, беше специјален гостин каде што даде интервју за емисијата „македонско наследство“ на локалната Омни 1 телевизија во кое го потврди своето македонско потекло и фактот што се гордее со него. На репортерката Алисија, која воедно е позната канадска пејачка исто така со потекло од Егејска Македонија, и објасни дека негово омилено македонско јадење е зелник, кој најдобро го подготвувала неговата баба.
Интересен беше и одговорот на Анџелидис, чие семејство исто така потекнува од селото Арменско, кој на прашањето која му е омилена македонска песна одговори со „Три кила банани“ од групата „Опус“, а која дефинитивно ќе се најде на репертоарот на неговата скорешна свадба.
Стамкос е вториот хокеар со македонско потекло што бил избран како прв на драфтот (2008 година) и тоа по Ед Јовановски (1994 година), кој има потекло од тетовскиот крај. Минатата сезона Стамкос постигна 60 голови со што стана само 20. хокеар во историјата на НХЛ што успеал да дојде до оваа бројка во текот на една сезона.